Владата со Црвениот Крст отвори официјална сметка за донација за настраданите во трагедијата во Кочани
Во овие тешки моменти, сите сме обединети во тага поради трагедијата што го погоди Кочани. Овој немил настан длабоко нè потресе, а пред сè, сакам да изразам најискрено сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски. Нашите мисли се со сите што беа повредени или на кој било начин погодени од оваа трагедија. Како Влада, но пред сè како луѓе, стоиме покрај нив во овој тежок период, истакна портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа нагласи дека од самиот почеток, приоритет бил да се обезбеди брза и ефикасна помош. Владата активно работи на преземање на сите неопходни мерки – како за итен одговор, така и за долгорочна поддршка на погодените. Во моменти како овој, општеството треба да делува заеднички. Поради тоа, донесена е одлука Владата да соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации.
Митева објасни дека оваа одлука има неколку значајни цели:
- Унифицирана поддршка – Со воспоставување единствена, официјална сметка за донации, се избегнуваат дилеми околу тоа каде и како да се донира, осигурувајќи дека секоја донација ќе стигне таму каде што е најпотребно.
- Превенција од злоупотреба и конфузија – Во вакви моменти, дезинформациите можат лесно да се прошират, па затоа е важно да се спречи секоја несигурност околу процесот на донации.
- Доверба и транспарентност – Црвениот крст има долгогодишно искуство во управување со хуманитарна помош, што гарантира одговорност и сигурност.
Во овие критични времиња, Владата има две клучни цели:
Прво, да обезбеди правда за сите погодени и одговорност за секој што е виновен.
Второ, човечноста да надвладее над сè друго.
„На жртвите и нивните семејства им е потребна непоколеблива правда, за што ќе се залагаме неуморно. Но, исто така, потребна им е нашата солидарност и заедничка сила“, нагласи Митева.