Заложничка драма во Скопје вечерва: Специјалци спасија 6 заложници, уапсени 7 лица

 Вечерва во скопската населба Студеничани се одигра вистинска драма, откако полицијата спроведе акција за ослободување на група мигранти кои биле незаконски задржани во подрумски простории. 

Според информациите до кои дојде Нетпрес, мигрантите испратиле електронска порака до Основното јавно обвинителство (ОЈО), при што побарале помош, наведувајќи дека се жртви на криминална група која ги држи затворени под закана со оружје.

 По добиената дојава, полицијата веднаш реагирала, испраќајќи тимови од Единицата за интервенции при СВР Скопје и специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од ОСПО. По детална проверка на два објекти, во подрумот на еден од нив биле пронајдени шест мигранти. Во акцијата се приведени седум македонски државјани, кои во моментот биле присутни на локацијата, а за нивната вмешаност во криминалните активности ќе следува дополнителна истрага.

Надлежните служби продолжуваат со преземање на мерки за целосно расчистување на случајот.