Израелските лекари направиле 23 операции врз повредените од Кочани за само еден ден

 Израелските лекари покажале извонредна посветеност и стручност во спасувањето на повредените од трагедијата во Кочани, изведувајќи 23 сложени хируршки интервенции за само еден ден. Македонските здравствени работници, кои беа дел од медицинските тимови за помош, сведочат за нивната професионалност и подготвеност.

Иако сите странски медицински екипи кои пристигнаа во земјата покажаа висок степен на подготвеност и посветеност, израелските лекари и медицински персонал оставиле посебен впечаток. Очевидци од другите тимови, кои работеа заедно со нив, истакнуваат дека тие се далеку пред останатите – не само поради своето огромно искуство во третирањето на ваков тип на повреди, туку и поради современата опрема, лековите што ги донесоа и нивната непоколеблива решеност да спасат што е можно повеќе животи.

Израелските тимови беа распоредени во трите скопски болници, работејќи рамо до рамо со македонските медицински кадри, како и со екипи од Чешка и Србија. Дел од нив веќе заминаа од земјата, но останаа неколку стручњаци кои ќе продолжат со втората фаза од третманот на повредените, која е сложена и бара високо ниво на знаење и искуство.

Од друга страна, самите израелски лекари изразија воодушевување од своите македонски колеги и брзата реакција на македонските власти, нагласувајќи ја нивната посветеност во справувањето со кризата.