Седум медиумски работници, вклучувајќи новинари од светски реномираната агенција Ројтерс, се приведени во ПС Центар веднаш по протестот за трагедијата во Кочани. Причината, според полицијата, е тоа што во живо пренесувале снимки со дрон на Фејсбук. Во моментов, нив ги испрашуваат и инспектори од АНБ.
Сличен случај е забележан и во Кочани, каде што биле приведени новинари од бугарската телевизија БТВ, исто така поради користење дрон. Колега од Ројтерс изрази шок, истакнувајќи дека вакво нешто не доживеал никаде во светот, и покрај тоа што снимал дронски кадри во Украина и Гренланд.
МВР тврди дека имало забрана за летање дронови од медиумите, но истата официјално била објавена дури неколку часа по нивното користење, без претходно известување на новинарите.
Ова следува по низа закани кон новинари од страна на власта, што кулминираше со изјавата на министерот Панче Тошковски дека оние кои ќе поставуваат непријатни прашања ќе бидат уапсени. Како одговор на ваквите случувања, Здружението на новинари на Македонија објави прирачник за однесување на власта.