Системот „Безбеден град“ ќе биде ставен во функција во најкраток можен рок, со цел да се овозможи тест период од 2-3 месеци. За време на овој тест период, ќе се спроведе кампања за информирање на граѓаните, за да бидат свесни дека од официјалното стапување на законот на сила на 1 јануари 2026 година, секој утврден прекршок ќе биде соодветно санкциониран.
Постапката ќе се одвива во разумен временски рок, со цел да се избегнат ситуации во кои казни за прекршоци сторени во 2020 година би се процесуирале дури во 2025 година, при што сторителите можеби веќе и не би се сеќавале на самото дело. На пример, доколку некој помине на црвено светло, во рок од 48 часа ќе се изврши проверка преку системот дали навистина е сторен прекршок. Доколку се утврди дека е сторено кривично дело, тогаш прекршочната постапка нема да се спроведува.
Во моментов постојат одредени законски преклопувања, но ќе се направи јасна дистинкција меѓу прекршоците и најтешките дела. За оние кои ќе направат сериозни прекршувања, како што се управување со возило со енормна брзина, возење под дејство на алкохол или дрога, или управување возило без возачка дозвола, ќе се применуваат најстроги санкции. Во тие случаи, возилото ќе им биде трајно одземено и предадено на Министерството за здравство, одбрана или внатрешни работи, а можно е и да биде ставено на лицитација. Дополнително, овие лица ќе се соочат со кривична одговорност. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата „Само Интервју“.