Двајца 14-годишни малолетници од Скопје се идентификувани како сторители на лажни дојави за поставени експлозивни направи во основни и средни училишта.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 19.02.2025 година, од мобилниот телефон на едниот од малолетниците биле испратени заканувачки имејл пораки за поставени бомби во две училишта – едно основно и едно средно. Два дена подоцна, на 21.02.2025, сличенна порака била испратена од телефонот на вториот малолетник, со идентична содржина и до ист број училишта.
По добиените пријави, полициските тимови за антитерористички проверки извршиле детални контроли во сите училишта, при што било утврдено дека станува збор за лажни дојави, без пронајдени експлозивни направи.
Со помош на Секторот за компјутерски криминал, преку анализа на дигиталните траги, било утврдено IMEI бројот на користените мобилни уреди, како и IP адресата од која се испратени заканувачките пораки. По спроведените истражни активности, полицијата го идентификувала двоецот и ги повикала на службен разговор во присуство на родители, инспектор за малолетничка деликвенција и адвокат.
За обезбедување на дополнителни докази, од нивните родители биле привремено одземени два мобилни телефони со СИМ картички, кои биле користени при извршувањето на делото.
Секторот за борба против тероризам и насилен екстремизам ќе достави известување до надлежното обвинителство, врз основа на кое ќе бидат преземени соодветни мерки против малолетниците.