Тошковски: Затворот Скопје функционирал повеќе како туристичко-угостителско правно лице, отколку како затвор

  Во рамки на акцијата спроведена вчера, по наредба на судија на претходна постапка, Министерството за внатрешни работи изврши два претреса, при што беа приведени две лица кои имале менаџерски позиции во Затворот Скопје. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на посетата на Штип, истакна дека собраните докази укажуваат на сомнежи дека оваа институција повеќе наликувала на угостителски објект, отколку на затвор кој треба да се грижи за осудените лица според законските прописи.

– Ова е момент кога мора да се стави крај на злоупотребите во ваквите институции. Се покажало дека осудените лица добивале привилегии што не им следуваат по закон – како што се приватни посети, напуштање на затворот од осум до десет часа дневно со службено обезбедување, користење на службени возила и гориво, а сето тоа било финансирано од државниот буџет, односно од граѓаните. Ваквите постапки треба да останат во минатото, а институциите ќе продолжат со соодветни мерки против вакви злоупотреби, додека конечната одлука ќе ја донесе судот – изјави Тошковски.

Според него, покрај санкционирањето на одговорните, оваа акција испраќа јасна порака дека неказнивоста повеќе нема да се толерира и дека законите ќе се применуваат еднакво за сите, како што доликува на една европска држава.

На новинарско прашање дали вакви злоупотреби се случувале и во други затвори во земјава, Тошковски посочи дека слични случаи биле забележани и во други установи.

– Веќе презедовме правни дејствија и во изминатите неколку месеци поднесовме кривична пријава против одговорни лица од уште еден затвор, каде што исто така имало незаконски постапки во однос на осудени лица. Ова не е изолиран случај, а очекуваме и во иднина да има нови постапки за слични незаконски дејствија – додаде Тошковски.