Со голема тага Битола се простува од примариус доктор Ели Димитровска, еден од најпознатите инфектолози во градот, која почина ненадејно. Како дел од Битолската клиничка болница, таа целиот свој работен век го посвети на грижата за пациентите.
По 37 години неуморна работа, д-р Димитровска во 2019 и 2020 година беше активно вклучена во КОВИД центарот на болницата, каде со својата стручност и посветеност придонесе кон справување со предизвиците што ги донесе пандемијата.
Во текот на својата кариера, примариус д-р Ели Димитровска беше дел од тимовите кои работеа на сузбивање на болести како бруцелоза, тифус, паратифус, заразна жолтица и хепатит А. Таа лекуваше и млади пациенти кои, поради недоволна вакцинација, заболуваа од болести како голема кашлица и други инфективни заболувања.
Д-р Димитровска беше позната и по својата посветеност кон идните генерации лекари, охрабрувајќи ги да ја прифатат инфектологијата како поле кое носи големи предизвици, но и уште поголемо задоволство при успешното лекување на пациентите.