Претседателот на партијата Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, предлага заедно со измената на државниот грб да се размисли и за промена на државната химна. Според него, Северна Македонија би можела да стане првата земја во светот со химна што има два различни текста – еден за Македонците и друг за Албанците.
Ибрахими, кој ја презеде лидерската функција во Алтернатива од Африм Гаши, истакнува дека заради зајакнување на внатрешната кохезија, химната треба да ги претставува сите заедници што живеат во државата.
Тој посочува неколку можни решенија за ова прашање. Една опција е химната да има два текста – посебен за Македонците и посебен за Албанците. Втора можност е создавање единствен текст што ќе ги вклучи сите етнички заедници. Третата варијанта е химната да остане само како мелодија, без текст.
„Може да се размисли за химна без текст или за нов текст што нема да има етнички карактер и во кој ќе бидат вклучени сите етнички заедници. Така, секој ќе може да ја пее на својот јазик – Македонци, Албанци, Турци и други заедници. Исто така, може да се направи адаптиран текст што ќе биде прифатлив за сите. За Албанците, мелодијата на химната не е спорна, но текстот е нешто што треба да се разгледа. Во духот на државната кохезија и добрата волја, сметам дека ова прашање треба да биде дел од пакетот за измена на државниот грб. Дали е можно химната да има два текста? Не е исклучено, што би значело дека Албанците би можеле да имаат свој текст во рамките на официјалната химна“, изјави Ибрахими во емисијата „Дијалог кај Лајм“.