СЕ ОГЛАСИЈА ОД ОЈO: Поминал на црвено, пијан и без возачка – еве колку промили алкохол се измерени кај момчето кое ја уби Фросина

 20-годишен возач се соочува со истрага од Основното јавно обвинителство во Скопје поради сообраќајна несреќа со фатални последици.

Настанот се случил на 29 јануари, кога младиот возач, управувајќи „Пежо 207“ – возило во сопственост на неговиот татко, се движел по десната сообраќајна лента на булеварот „Партизански Одреди“. Притоа, не ги почитувал сообраќајните прописи, возел без возачка дозвола и под дејство на алкохол, со концентрација од 0,82 промили во урината. Неговото неодговорно однесување создало сериозна опасност во сообраќајот.

Пристигнувајќи до крстосницата со улицата „29-ти Ноември“, не ја прилагодил брзината на условите на патот, што го спречило навремено да запре пред пешачкиот премин. Иако семафорите на крстосницата биле во функција, тој не застанал на црвено светло, продолжил со движење и со предниот лев дел од возилото удрил во пешакот Фросина Кулакова, која во тој момент го поминувала коловозот на обележан пешачки премин.

Од силниот удар, пешакот се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.

Обвинителството предложи на судот да му изрече мерка притвор за осомничениот, со цел да се спречи можноста за бегство или повторување на слично дело.