Во текот на четвртата недела од 2025 година, во Република Северна Македонија се пријавени 1.878 случаи на заболувања слични на грип, што претставува 33% зголемување во споредба со претходната недела. Бројот на заболени е зголемен за 2,4% споредено со истиот период минатата сезона и за 10,2% во однос на типичната епидемиска крива од последните 14 сезони.
Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пријавената инциденца е над неделната граница за средна активност на вирусот на грип.
Возрасна структура и географска распределба:
•
15-64 години: 1.066 лица
• Деца 5-14 години: 349 лица
• Деца до 4 години: 325 лица
• Над 65 години: 138 лица
Најголем број заболени се пријавени од:
• Скопје: 581
• Кавадарци: 219
• Куманово: 167
• Струмица: 162
• Штип: 106
Во шест региони активноста е многу ниска, во 10 сезонска, во осум средна, додека во Крушево, Свети Николе и Кратово е висока, а во Кавадарци и Дебар многу висока.
Препораки за заштита
Од ИЈЗ апелираат:
• Избегнувајте престој во затворени простории со многу луѓе.
• Често мијте ги рацете и проветрувајте ги просториите.
• Консумирајте топли напитоци, овошје и зеленчук богати со витамин Ц.
• Одржувајте здрав начин на живот – добар сон, здрава исхрана и физичка активност.
Вакцинација
ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита. До крајот на четвртата недела, вакцинирани се 72.357 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.