СПОРЕД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК: Еве колку години затвор му се закануваат на возачот кој ја усмрти Фросина


Основното јавно обвинителство во Скопје отвори истражна постапка против едно лице осомничено за тешки дела поврзани со безбедноста во сообраќајот, согласно член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Според законските одредби, доколку како последица на вакво дело настане смрт на едно или повеќе лица, сторителот може да се соочи со затворска казна во траење од најмалку четири години. Адвокатот Јанаки Митровски појаснува дека предвидената казна за вакви случаи се движи од 4 до 20 години затвор.

Настанот се случил на 29 јануари, кога 20-годишен осомничен, управувајќи возило марка „Пежо 207“, движејќи се по булеварот „Партизански Одреди“, не ги почитувал сообраќајните прописи. Освен што возел без возачка дозвола, утврдено е дека бил под дејство на алкохол со концентрација од 0,82 промили во урината, со што предизвикал опасност во сообраќајот.

Приближувајќи се кон крстосницата со улицата „29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината според условите на патот. Иако семафорите биле исправни, тој не запрел на црвено светло, продолжил со движење и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која во тој момент ја поминувала улицата на обележан пешачки премин. Од ударот таа се здобила со тешки повреди и починала на лице место.

Обвинителството поднесе предлог до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот.