НЕГОТИНО ЗАВИЕНО ВО ЦРНО: Таткото на Фросина со порака до Васо

Во Неготино, родниот град на 22-годишната Фросина Кулакова, која завчера трагично го загуби животот на улицата „Партизанска“ во Скопје, се одржа граѓански собир во нејзина чест. Присутните изразија сочувство до нејзините родители и упатија пораки со цел да се спречат слични трагедии во иднина.

На собирот беше побарана одговорност за несреќата, а таткото на Фросина, Тодор Кулаков, истакна дека неказнивоста е главниот проблем што доведува до вакви трагедии.

„Ако има неказнивост, општеството се распаѓа, а последиците ги трпат нашите деца. Ова не е единствениот проблем, но кога правосудството дозволува неказнивост, тоа се одразува на сите аспекти од животот – било да е тоа сообраќај, економија или било што друго. Ваквиот систем дозволува луѓе кои не треба да бидат на слобода да ја уништуваат иднината на младите. Мојата ќерка беше талентиран дизајнер, со самостојни изложби и бројни награди, а ете, неказнивоста ѝ го одзеде животот“, рече Кулаков.

И покрај огромната болка, тој им се заблагодари на сите за поддршката и упати порака до граѓанските активисти кои бараат одговорност. Ги охрабри да останат независни и да не дозволат политички влијанија.

„Го ценам вашиот граѓански ангажман и не знам дали планирате да продолжите со активностите, но ако сакате навистина да постигнете резултат, немојте да дозволите политичка позадина да ве дефинира. Движете се како независен граѓански сектор, без врзување за која било политичка група. Само така можете да бидете пример за вистинско граѓанско здружување. Од срце ви посакувам успех“, порача Кулаков.