НАЈНОВА ВЕСТ: Едно лице загина, а повредени се и четири полицајци во две несреќи бо близина на Крива Паланка
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на експресниот пат во близина на Крива Паланка, каде вчера се случија две последователни сообраќајни несреќи.
Во првиот случај, автомобил "Фолксваген Голф" излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во возилото. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди. Јавниот обвинител ги презеде сите потребни дејствија за обезбедување докази и утврдување на причините за несреќата. За починатиот е издадена наредба за обдукција.
За време на извршувањето на увидот на местото на првата несреќа, друг автомобил, најверојатно поради неприлагодена брзина, влетал во обележаната локација. Возилото удрило во паркирано возило, при што телесни повреди здобиле четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во втората сообраќајна несреќа потешко е повредена и сопатничката во автомобилот.
Јавниот обвинител продолжува со преземање на сите потребни дејствија за утврдување на причините и околностите за двете несреќи.