Во Хрватска, празни маркети и значително намален промет беа резултат на масовен бојкот на продавниците и бензинските станици, организиран како одговор на постојаниот раст на цените. Иницијативата започна преку фејсбук групата „Ало инспекторе“, а беше поддржана од здруженијата за заштита на потрошувачи, синдикати, политички партии и самиот министер за економија.
Според Управата за јавни приходи на Хрватска, до 16 часот прометот се намалил за 50% во споредба со истиот ден претходната недела, а бројот на фискални сметки е намален за 43%. Сепак, експертите и синдикатите во Македонија сметаат дека ваквиот пристап не е ефикасен начин за справување со поскапувањата.
„Овие акции можат да создадат краткотрајни проблеми за трговците, но нема да донесат долгорочни решенија. Потребно е да се зајакнат механизмите и законите за регулирање на пазарот, а не само повремени акции“, изјави Иван Пешевски од Синдикатот на работниците.
Синдикатот направи анализа за финансиските потреби на домаќинствата во регионот. Резултатите покажуваат дека македонските граѓани имаат најниска минимална и просечна плата во споредба со соседните земји, додека трошоците за живот остануваат меѓу највисоките. Со просечна плата од 677 евра, едно семејство во Македонија има потреба од 1.030 евра месечно. За споредба, во Хрватска просечната плата изнесува 1.110 евра, а месечните трошоци достигнуваат 1.900 евра.
Доколку цените продолжат да растат, Синдикатот најавува организирање на протести и генерален штрајк. „Освен нас, никој не презема иницијатива. Ни организациите за заштита на потрошувачи, ни опозицијата. Законот за спречување нефер трговски практики не функционира. Ако не се преземат конкретни мерки, граѓаните ќе бидат принудени на порадикални чекори“, предупредува Пешевски.
Владата во Македонија досега преземаше мерки како замрзнување на маржите и воведување основни кошници со производи за да го задржи стандардот на граѓаните. Следните вакви кошници се планирани за март и април, во пресрет на Рамазан и Велигден. Ефективноста на овие мерки ќе биде проценета преку анализи, а доколку се покаже дека немаат резултат, се најавуваат промени во пристапот.