НАЈНОВО: Амбасадата на САД го запре финансирањето на сите проекти во Македонија

 Администрацијата на претседателот Доналд Трамп нареди замрзнување на фондовите за странска помош, што влијае и на проектите во Македонија. Стејт департментот и Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) добија инструкции да прекинат со трошење на средствата кои не се официјално наменети за одредени цели. Оваа одлука опфаќа десет области, вклучувајќи меѓународно здравство, борба против наркотици, иницијативи за одржување на мирот и поддршка за развој.

Како резултат на ова, Амбасадата на САД во Скопје ги информираше сите невладини и други организации кои веќе имаат добиено или речиси реализирано проекти во Северна Македонија да запрат со реализацијата и да не вршат исплати, во согласност со извршната наредба на претседателот Трамп, која ја замрзнува странската помош за сите земји, освен за Израел и Египет, на 90 дена.

Оваа одлука претставува прва последица од новата администрација на САД, а се очекуваат и други мерки, особено во однос на трговските односи со Европа. Иако засега нема информации за депортации на македонски граѓани, можно е и тие да бидат погодени од идните политики.

Помошта од САД во Македонија досега се реализираше преку проекти на амбасадата и преку УСАИД, фокусирајќи се на владеење на правото, сајбер безбедност, животна средина, развој на демократијата, подобрување на конкурентноста, борба против корупцијата и поголемо граѓанско учество. Од 1993 година, САД имаат обезбедено речиси една милијарда долари помош за Северна Македонија, надвор од воената помош.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека претседателот Трамп јасно изјавил дека Соединетите Држави повеќе нема слепо да одвојуваат пари без враќање за американскиот народ. Прегледот и усогласувањето на странската помош се спроведуваат со цел да се заштитат интересите на американските даночни обврзници и да се осигура дека средствата се трошат ефикасно и во согласност со надворешната политика на САД.

Оваа наредба предизвика загриженост кај некои претставници на Стејт департментот поради нејзиниот обем и можните правни последици, вклучувајќи потенцијални тужби за неисполнети договори доколку се смета дека се прекршени условите. Одлуките дали да се продолжат, изменат или прекинат програмите ќе бидат донесени по завршувањето на прегледот од страна на секретарот.