Македонскиот селектор Кире Лазаров во интервју за хрватскиот „Спортске Новости“ повторно се осврна на контроверзните моменти од натпреварот против Холандија, кога Македонија беше сериозно оштетена.
Во тој дуел од првата фаза, Холандија ја совлада Македонија, но разочарувањето во македонскиот табор беше големо поради спорните судиски одлуки.
„Ние сме мала земја која го сака ракометот, но не можеме да се споредуваме со големите држави како Германија, Франција или Данска... Освен тоа, тоа што ни се случи против Холандија… Затоа ракометот како спорт е таков каков што е. Токму поради овие работи Американците не вложуваат во овој спорт, ниту пак сакаат да го развиваат. Има премногу сомнителни ситуации и секој ги толкува на свој начин,“ изјави Лазаров.
Тој нагласи дека ова не е првпат, ниту ќе биде последен, кога се случуваат вакви неправди.
„Гледам дека Холанѓаните се фаворизирани, но јас зборувам само за нас. Ракометот како спорт нема иднина поради ваквите случувања. Тешко е да се замисли дека некој сериозен спонзор би вложил пари, а потоа да биде измамен на овој начин. Сите што сме дел од ракометот мора да бидеме сериозно загрижени.“
Македонската репрезентација сега се подготвува за натпреварот против Франција, кој ќе се одигра денес со почеток во 20:30 часот.