Некои од поголемите супермаркети во земјава, соочени со најавениот бојкот од граѓаните како реакција на високите цени, преземаат мерки за зголемување на продажбата, притоа истакнувајќи ја својата општествена одговорност.
Синџирот маркети „Тинекс“ најави кампања под мотото „Твој избор, твоја заштеда“, со која од 31 јануари и во текот на февруари ќе понуди значителни попусти на основни производи неопходни за секое домаќинство.
Според одредени анализи, финансиските резултати на „Тинекс“ во последниот период покажуваат знаци на стагнација, а добивката бележи намалување во однос на претходните години. Со оваа кампања, компанијата настојува да им излезе во пресрет на потрошувачите, нудејќи поповолни услови за набавка на секојдневни артикли.
„Свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат македонските потрошувачи, затоа ја започнуваме кампањата „Твој избор, твоја заштеда“. Веруваме дека со оваа иницијатива ќе придонесеме кон олеснување на семејните буџети преку намалување на цените на клучни производи за домаќинствата“, се наведува во официјалното соопштение на компанијата.
Во него се посочува дека покачувањето на цените е последица на зголемувањето на набавните трошоци. Анализите за последните четири месеци од 2024 година покажуваат раст од 9% на просечните набавни цени во споредба со истиот период во 2023 година. Сепак, „Тинекс“ уверува дека останува посветен на обезбедување пристапни цени за своите купувачи.
Слична акција неодамна најави и трговскиот ланец „Веро“.
Во меѓувреме, граѓаните, организирани преку социјалните мрежи, за утре најавуваат бојкот на маркетите во знак на протест против зголемените цени.
Според достапните податоци, македонските супермаркети во 2023 година оствариле чист профит од речиси 40 милиони евра, а прогнозите за 2024 година сугерираат дека оваа сума ќе биде уште поголема.