Славески: Бојкотот на маркетите е само фолклор, народот да не бара поголеми плати за да не се подгрева инфлацијата

  Економистот и универзитетски професор Трајко Славески, гостувајќи во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, изрази скептицизам во однос на најавениот бојкот на маркетите кој е закажан за петок. Според него, ваквите акции немаат реален ефект врз цените на производите, бидејќи, на крајот, потрошувачите сепак ќе ги набават потребните продукти во наредните денови.

„Овој бојкот повеќе има симболична димензија отколку што може да донесе конкретни резултати. Луѓето нема да се откажат од основните намирници, туку ќе ги купат подоцна. Најдобриот начин за намалување на трошоците е споредбата на цените во различни маркети и информираноста на купувачите“, истакна Славески.

Тој додаде дека долгорочната стабилност на цените најмногу зависи од намалувањето на инфлациските очекувања и умереноста во барањата за зголемување на платите.

„Доколку постои уверување дека цените ќе продолжат да растат, тоа ќе се рефлектира и врз одлуките на компаниите и потрошувачите, што само ќе ја засили инфлацијата. Дополнително, постојаните дискусии за покачување на платите можат да ја влошат состојбата, бидејќи создаваат дополнителен притисок врз економијата“, појасни Славески.