Легендарниот југословенски кошаркар Дражен Далипагиќ почина на 74-годишна возраст.
Мостарчанецот, кој долго време се бореше со тешка болест, ќе остане запаметен како еден од најдоминантните кошаркари кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите.
Со кошарка почнал да се занимава на 19-годишна возраст, а само две години подоцна дебитирал за репрезентацијата на поранешна Југославија. За националниот тим одигра 243 натпревари, освојувајќи бројни медали на европски, светски и олимписки натпреварувања.
На Европските првенства освои три златни медали, а на Светските четири: сребро во 1974 година, злато во 1978 година и бронза во 1982 и 1986 година, со што постави меѓународен рекорд. Дополнително, на Олимписките игри освои три медали: сребро (1976), злато (1980) и бронза (1984).
Во својата клупска кариера, играјќи за КК Партизан (1971–1980, 1981–1982), Далипагиќ три пати беше прогласен за најдобар кошаркар во Европа – во 1977, 1978 и 1980 година.
На 10 септември 2007 година беше примен во Куќата на славните на ФИБА. По завршувањето на играчката кариера, кратко време работеше како тренер, предводејќи три екипи, меѓу кои и МЗТ Скопје во сезоната 1998/99.
Легендарниот натпревар со Мајкл Џордан
Малку познат е натпреварот од 1982 година, кога Дражен Далипагиќ ја предводеше Европа до победа против најдобрите американски колеџ кошаркари, меѓу кои беше и младиот Мајкл Џордан.
Во Женева, на 18 јуни 1982 година, американската екипа, составена од таленти како Џордан, Џон Паксон и Џеф Тарнер, се соочи со најдобрите европски играчи, вклучувајќи ги Далипагиќ, Владимир Ткаченко (СССР), Мики Беркович (Израел) и Жељко Јерков (Југославија).
Европа извојува убедлива победа од 111-92, при што Далипагиќ беше најефикасен со 24 поени, додека Џордан постигна 20. Два дена подоцна, во Будимпешта, Европа повторно победи со резултат 103-88. Неколку дена потоа, САД одиграа натпревари против Југославија во Загреб и Задар, продолжувајќи ја турнејата.
Дражен Далипагиќ ќе остане запаметен како легенда на југословенската и светската кошарка, чија оставштина ќе продолжи да инспирира многу генерации.