Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави проценка дека коронавирусот најверојатно потекнува од кинеска лабораторија, а не од природно животинско потекло.
Портпаролот на ЦИА изјави дека „врз основа на достапните извештаи, потеклото на пандемијата е поверојатно поврзано со лабораториски истражувања отколку со природен пренос“.
Оваа проценка е една од првите објавени под раководство на новиот директор на ЦИА, Џон Ретклиф, кој стапи на функција откако претседателот Доналд Трамп ја презеде должноста минатата недела, објави Би-Би-Си.
Ретклиф, познат поддржувач на теоријата за „протекување од лабораторија“, тврди дека вирусот најверојатно „избегал“ од Институтот за вирологија во Вухан. Овој институт се наоѓа на околу 40 минути возење од пазарот Хуанан, каде што се регистрирани првите случаи на инфекција.
Во интервју за Breitbart News, Ретклиф изјави дека ќе работи на тоа ЦИА да се откаже од својот неутрален став за потеклото на вирусот.
„Клучно е да разбереме зошто загинаа милион Американци и зошто ЦИА пет години не изврши проценка за потеклото на Ковид-19“, нагласи Ретклиф, додавајќи дека справувањето со заканите од Кина останува негов приоритет.