Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека и покрај неодговорните изјави на одредени градоначалници, тоа не треба да биде причина за одложување на процесите, осврнувајќи се на согласностите за вработувања и отворањето на градинките во Липково и Арачиново.
Мицкоски информираше дека веќе имал разговор со министерот за труд и социјална политика, Фатмир Лимани, и дека неговиот кабинет ќе преземе активности за да ги надмине проблемите со општинската администрација во Липково и Арачиново. Тој изрази извинување до жителите на овие општини за создадените непријатности, истакнувајќи дека децата остануваат приоритет на Владата.
Министерот Лимани, пак, вчера порача дека градоначалниците треба да се извинат за нивните изјави во кои го доведуваат во прашање неговиот легитимитет. „Кога ќе одлучат дали сум легитимен или не, тогаш и мојот потпис ќе биде легитимен. Не може мојата нелегитимност и мојот легитимитет како потпис да одат заедно“, изјави Лимани.
Од друга страна, градоначалниците на Липково и Арачиново посочија дека проблемот е во бирократските пречки кои го одложуваат отворањето на објектите. Се очекува новите градинки да обезбедат место за 115 деца во секоја општина.