Бујар Османи: Играњето фудбал во канцеларијата на Груби беше грешка


  Играњето фудбал во кабинетот на Артан Груби, додека беше прв вицепремиер, било повеќе сцена за снимање отколку вистинска игра. Вака потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, го коментираше видеото на Груби во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, каде што изјави дека објавувањето на видеото било грешка.

„Мене ми е жал за тоа видео кое беше буквално сцена за снимање. Ниту беше играње, ниту беше... Онака, пауза меѓу состаноци. Меѓутоа, не требаше тоа да излезе во јавност,“ рече Османи.

На прашањето дали видеото може да се сфати како „покажување среден прст кон јавноста,“ Османи одговори дека тоа било погрешна проценка.

„Тоа беше грешка. Јас не сакам да кажам дека бев против неговото објавување, но објавувањето беше грешка во проценка,“ додаде тој.

Османи истакна дека, и покрај оваа грешка, е уверен дека нема стратешки грешки во визијата на ДУИ за иднината на државата и граѓаните. Според него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во тој контекст не направил никакви пропусти.