Албанскиот премиер, Еди Рама, соопшти дека владата донела одлука за блокирање на платформата ТикТок. На средба со родители и наставници, тој го претстави новиот акциски план за безбедност во училиштата, објаснувајќи дека мерките за блокирање на ТикТок ќе бидат спроведени за шест до осум недели и ќе траат една година
- Ги завршивме сите технолошки истражувања и ќе ни требаат 6 до 8 недели од почетокот на следната година за целосно блокирање. Во Република Албанија, ТикТок повеќе нема да биде достапен. Во текот на оваа година ќе следиме какви мерки преземаат другите земји и како ќе реагира платформата, изјави Рама.
Тој ја пофали министерката за образование, Огерта Манастирлиу, нагласувајќи дека како што го подобрила здравствениот систем, така ќе го унапреди и образованието.
Министерката Манастирлиу објасни дека забраната за ТикТок е дел од пакет мерки за зголемување на физичката и дигиталната безбедност во училиштата, кои се развиваат од Националната управа за сајбер безбедност и Националната агенција за информатичко општество.
- Со цел заштита на децата од негативните ефекти на социјалните мрежи и зголемување на нивната безбедност, решивме да ја блокираме платформата ТикТок, како дел од широкиот пакет мерки, изјави Манастирлиу.
Албанија е првата земја во регионот што ја блокира платформата ТикТок, која е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс.