Бујаре Абази, која ја презеде функцијата генерален директор и претседател на Управниот одбор на 13 март 2023 година, ја зголемила својата плата веднаш по стапувањето на должност. Покрај тоа, таа ги зголемила платите и на вработените од највисоките менаџерски позиции. Сепак, на крајот од 2023 година, Пошта завршила со финансиски загуби од 2,2 милиони евра.
Во изминатите седум години, акционерското друштво Пошта на Македонија континуирано бележи загуби, отстапува од европските стандарди за поштенски услуги, се соочува со бројни кредити и врши набавки без спроведување на законски предвидените јавни постапки. Овие проблеми се дел од наодите на Државниот завод за ревизија.
Ревизорите утврдиле дека во септември 2023 година, и покрај континуираните негативни финансиски резултати, Пошта извршила зголемување на месечните нето-плати на директорите на сектори, заменик-генералниот директор и генералниот директор за 42% до 58%. Ова значи дека Абази веднаш презела мерки за зголемување на платите, и покрај неповолната финансиска состојба на компанијата. Според Законот за трговски друштва, доколку добивката е намалена или финансиската состојба значително се влоши, платите и другите бенефиции предвидени во менаџерските договори треба да се намалат – стои во ревизорскиот извештај за работата на Пошта.