Трета година по ред Македонија нема да има свој претставник на Изборот на песна за Евровизија.
По откажаното учество во Велика Британија 2023 и во Шведска 2024, нашата земја нема да има свој претставник ни на натпреварот кој ќе се одржи од 13 до 17 мај 2025 во Швајцарија.
Иако Македонска радио-телевизија не излезе со официјално соопштение, сепак го објави буџетот за 2025 година и таму не се предвидени финансии за учество на Македонија на следниот Евросонг.
Македонија своето деби на Евровизија го имаше во 1998 година со Владо Јаневски и песната „Не зори зори“.
Последниот настап, пак ни беше во 2022 година, кога за Македонија Андреа Коевска ја испеа песната Circles.
Во досегашните 22 учества на најголемиот музички фестивал во Европа, најдобар успех имаше Тамара Тодевска во 2019 година со баладата Proud, кога го освои седмото место во финалната вечер.