Македонската влада нема да биде попустлива со Бугарија, но ќе гради политички мостови. Ова го изјави шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, откако Бугарија вчера експресно го одби предлогот на Орбан за посредување на односите Скопје-Софија.
Муцунски, во интервју за МИА, порача дека владата е подготвена за помош од земјите членки и обвини дека има провокации од Софија, кои според Муцунски - насочени се примарно кон премиерот Мицкоски, а второстепно и кон него.
- Има и провокации насочени ќе повторам примарно кон премиерот, а второстепно и кон мене. Најголемата желба на политичарите во Бугарија е да се симнеме на тоа ниво, за уште повеќе да го експлоатираат ова прашање во кампањата и да ја претворат кампањата во кампања за македонското прашање. Да имаме политичка влада, ќе повторам, која со целосен политички легитимитет ќе разговара со нас за сите отворени прашања, бидејќи колку што нас не засега ова закочување на европските процеси верувам дека тие што автентично веруваат во Европската иднина и на Бугарија, сакаат да се одблокира тој процес. - рече Муцунски.
И додека официјално Скопје чека политичка влада во Софија, Ангел Ангелов, поранешниот бугарски амбасдор во земјава, на кој пред еден месец му заврши дипломатската мисија во Македонија, во интервју за бугарски медиум, порача дека македонските власти се обидуваат да купат време.
- Властите на Република Северна Македонија се обидуваат да купат време, бидејќи почетокот на преговорите на ЕУ со Албанија е голем удар за нив. Овој договор е меѓу ЕУ и РСМ, има консензус на темата, има одлука на Советот на ЕУ од јуни 2022 година. Мораме да кажеме дека почетокот на преговорите со Албанија се должи на една задржка од страна на Грција, која имаше претензии за почитување на правата на човекот во Албанија, и очигледно овие барања се задоволени и веќе ја нема оваа сопка. - вели Ангелов .
Вчера, Виктор Орбан премиерот на Унгарија, земјата која во моментот претседава со ЕУ, за време на посетата на Охрид, изјави дека на премиерот Мицкоски му дал конкретен предлог за решавање на спорот со Софија.. Без да го открие предлогот, Орбан изјави дека ќе чека одговор од македонска и бугарска страна.
Официјална Софија експерсно го отфрли предлогот на Орбан и порача дека европскиот договор, односно преговарачката рамка е јасна, а според истата, Македонија мора да ги вметне Бугарите во уставот за да ја отпочне Втората меѓувладина конференција со ЕУ.
Во меѓувреме, додека Скопје, чека подобра политичка клима во Софија, официјална Тирана го продолжува европскиот пат сама - амбасадорите во Брисел, дадоа зелено светло за Албанија, на средината на октомври да го отвори првиот преговарачки кластер со Унијата.