Министерката за енергетика и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сања Божиновска, директорувала со хрватската канцеларија на фирмата „Руднап“ користејќи бугарски пасош. Тоа е видливо од јавно достапниот регистар на Трговскиот суд во Загреб. Во изјава за „360 степени“, министерката Божиновска негира дека поседува бугарско државјанство, но не одговара дали поседувала. Нашите дополнителни проверки покажаа дека таа побарала отпуст во втората половина на минатата година и дека процедурата не е завршена, што значи дека сè уште е бугарска државјанка
Министерот кој треба да биде одговорен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, кој отворено декларирал дека поседува и белгиско државјанство, коментира: „Декларирање на второто државјанство е прашање на транспарентност и е неопходно барем кога станува збор за етичко ниво. Кога се работи за високи државни функционери, би требало да е норма“
Викендов земјава доби нова влада. На број, новиот владин кабинет ќе има 24 члена. Од нив, еден премиер, 20 ресорни министри и тројца министри без портфолио.
Овој текст, сепак, не се занимава со обврските што ги носи секој поединечен ресор, туку со прашањето на интегритет, политички морал и потенцијален судир на интереси. Бидејќи еден министер отворено декларирал, а најмалку еден сокрил дека има двојно државјанство. Поседувањето двојно државјанство не е забрането со закон, но отвора дилеми за моралните квалитети, како и за тоа што ќе се случи ако министер биде во состојба да одлучува за прашања што ги засегаат двете или повеќе негови татковини?
Сања Божиновска
Во биографијата на министерката што го води новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини пишува дека е родена во Скопје во 1980 година. Во графата националност декларирала „македонска“. Има високо образование надвор од државава и работно искуство надвор од државава, меѓу другото, и во групацијата „Руднап“ со седиште во Белград, Србија, каде што била „извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија“ и била одговорна за активности во „Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Македонија, Романија, Унгарија, Кипар, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Грција“.
Ако се провери историјатот на филијалата на „Руднап“ во Загреб, кој е бесплатен и јавно достапен запис, на неколку места се среќава името на Сања Божиновска. На ден 6.12.2013 година, кога се правени измени во структурата на компанијата, освен што ѝ е споменато името Sanya Bozhinovska, пишува и дека лицето има матичен број (личен идентификациски број): 38563731070 и број на пасош 382526102, но не на Република Македонија, туку на Република Бугарија. И дека живее на адреса во Белград.
Или, Сања Божиновска, која, според биографијата, тогаш работела за компанијата „Руднап“, во Хрватска била пријавена и се идентификувала со бугарски пасош. А за бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.
Имајќи ги предвид овие факти, се обративме до министерката Сања Божиновска. На прашањето дали поседувала или дали во моментов поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, таа ни одговори:
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.