Ахмети: Која е смислата на демократијата ако мнозинската заедница одредува кој ги претставува Албанците



 Али Ахмети заедно со Европскиот фронт денеска на прес – конференција праша која е смислата на демократијата ако мнозинската заедница одредува кој ги претставува Албанците?

Тој рече дека Европскиот фронт и албанската опозиција во декември 2023 година и јануари 2024 година заеднички се договорија и потпишаа декларација за нестапување во владино партнерство без уставни измени и гаранција за европското патување.

„И покрај сите аргументи, бројки и резултати, дури и со пратеници, дури и со апсолутни бројки на гласови, дури и со победи во две третини од општините, поразените на изборите, без легитимитет на суверенот, целосно се потчинеа, игнорирајќи волјата на народот, Охридскиот договор, легитимитет и без никаква почит кон оние кои ги донесоа сите овие квалитативни промени во нашата држава“ кажа Ахмети.

Во овој контекст, рече Ахмети, граѓаните не прашуваат, која е смислата на демократијата во нашата земја ако мнозинската заедница определува кој ги претставува Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници?

„Зошто овие заедници да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако, без да се води сметка за волјата на нашите заедници, најголемата македонска партија одлучи за нив според нивните преференции?“ рече меѓу другото Ахмети.

Овој начин на размислување, ова вазалство, не враќа во времето кога другите одлучуваа за нас

Ахмети истакна дека овој начин на размислување, оваа вазалство нè враќа во времето пред повеќе од две децении кога заедниците беа дискриминирани, третирани како граѓани од втор ред и не се почитуваше волјата на слободниот глас на заедниците, туку други одлучуваа наместо нас.

„Легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимитетот и правото на застапување од оние кои го имаат легитимитетот на заедниците“, рече Али Ахмети.

Тој меѓу другото рече дека Европскиот фронт на претседателските избори излезе како победничка коалиција со разлика од 40.000 гласови, додека на парламентарните со над 31.000 гласови и 6 пратеници повеќе. Европскиот фронт доби 19 пратеници, а опозицијата 13 пратеници. Европскиот фронт излезе како победник во 20 општини во кои живеат и гласаат Албанците и другите заедници, додека опозицијата во 8.

„Европскиот фронт се појави како втора сила во државата, што се случува за прв пат во историјата на земјата. Овие резултати беа прекршени и продолжуваат да се кршат преку изборен инженеринг во очите на целата домашна, регионална и меѓународна јавност“, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ и коалиција „Европски фронт“ не кажа кои ќе бидат чекорите кои ќе ги преземат, но рече дека во следните денови ќе ги споделат со јавноста.

За вчерашното напуштање на собраниската салата при гласањето за претседател на собранието, тој рече дека тоа го направиле затоа што се чувствувале навредени поради нарушување на легитимноста на албанскиот глас.