Според Таравари, постојат модалитети кои се прифатливи и за Скопје и за Софија, но истакна дека ќе остават на идниот премиер да кажел кои се тие. Сепак, изрази увереност дека ќе се најде решение за деблокада на македонскиот евроинтегративен пат, но за разлика од претходните настапи, рок овој пат не спомна.
-Коалицијата Вреди е најдобра гаранција за тоа дека Македонија ќе го продолжи европскиот пат. Впрочем, и во првата декларација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди постоеja три точки – европски пат, брз економски развој, борба против криминалот и корупцијата и правна држава. Гарантирам дека ќе има модалитети кои ќе бидат прифатливи и за двете страни, и за Скопје и за Софија, и во тоа сум многу сигурен. Меѓутоа, за тоа кои се опциите, сигурно идниот премиер ќе ги каже. Се работи на тоа интензивно,- - Арбен Таравари – Вреди.
Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени е дека не прифаќаат да бидат донесени под како што велат , бугарски дикатат, без гаранции дека нема да има нови блокади. Како алтернативно решение нудат т.н. одложена примена до влезот во ЕУ, но од Софија засега нема позитивни сигнали околу ова.
Во меѓувреме пак, во кампањата за европските избори кај нашиот источен сосед се вклучи и поранешниот бугарски претседател Георги Парванов. Според него, потребен е анекс на договорот за добросоедство меѓу Македонија и Бугарија за да се конкретизирале историските прашања. Меѓу Скопје и Софија треба да се води дијалог за како што кажа, заедничката историја меѓу двете земји.
-Ние треба да опстоиме на нашите интереси, најважно од тоа се разбира е да се обидеме да ја одржиме идејата за нашата заедничка историја, и тоа не агресивно, туку научно, објективно и убедително. Бидејќи на крајот, најблиските народи од историска гледна точка тука на балканите сме ние и нашите соседи од Македонија,- - Георги Парванов – Поранешен претседател на Бугарија.
Извори од директоратот за проширување на ЕК оценија дека следните шест месеци ќе бидат клучни за процесот на македонските евроинтеграции. Од таму минатата недела порачаа дека ЕУ е сосема свесна за позицијата на идната Влада околу уставните измени, но не гледаат начин обврската за уставните измени која веќе е преземена да биде променета или заобиколена.