Таман се комплетираше со девет судии, Уставниот суд денеска влегува во нова криза. Во два обиди (круга на гласање), Уставниот суд не може да избере претседателка од двете кандидатки, уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева.
Како што брифираат дел од нивните колеги, Васиќ-Бозаџиева не може да дојде до шесте потребни гласа од деветте судии, односно двотретинско мнозинство.
Според неофицијални сознанија, од трката за претседателката функција не сакала да се повлече ниту Васиќ-Бозаџиева, која добила 5 гласа, ниту Павловска-Данева, за која гласале четворица од колегите.
Од Уставниот суд за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека сега одат судиите на пауза, па во 14.30 часот ќе се вратат на трет круг гласање.
На досегашната претседателка Добрила Кацарска ѝ истекува мандатот на 2 јуни.