ВМРО-ДПМНЕ И ВРЕДИ БЛИСКУ ДО ДОГОВОР ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ИДНАТА ВЛАДА

 

Претседателот на Беса и еден од лидерите на опозициската коалиција Вреди, Биљал Касами денеска на настан во Тетово изјави дека, како што веќе е најавено, нивната коалиција ќе биде дел од наредната влада. Тој нагласи дека во таа влада, која може да биде со ВМРО-ДПМНЕ, полесно ќе се изгласат уставните измени. Арбен Таравари, со дел од Алијанса за Албанците еден од лидерите на Вреди, вели дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја разбрал суштината и тежината на гласот на Албанците.

Касами нагласи дека нивната коалиција се „гаранти на уставните измени и унапредувањето на правата на Албанците“.

Еден од лидерите на Вреди, доскорешниот претседателски кандидат Арбен Таравари, за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски за владино коалицирање по изборите рече дека тоа покажува дека и „ВМРО разбрала каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци“.