Димитриевски е во водство пред Османи и Таравари во собрани потписи за кандидатура

    Според последниот пресек што го прави ДИК, Максим Димитриевски се најде на првото место според бројот на собрани гласови од граѓани за негова поддршка на листата од 11 лица кои претендираат за функцијата претседател на Македонија. Димитриевски, лидер на ЗНАМ сега има повеќе потписи од потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, како и кандидатот на коалицијата Вреди и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Максим Димитриевски, Бујар Османи и Арбен Таравари засега се тројцата сигурни кандидати за влез во Вила Водно.

Димитриевски до синоќа во 20 часот имал собрано 11.391 потписи, за Османи се потпишале 11.067, а за Таравари 10.641.

Уверување дека денеска работата ќе се заврши и за кандидатката Билјана Ванковска изрази Левица која ја кандидираше. Ванковска е блиску до потребните 10.000 потиси – 9.085. Левица и самата Ванковска порачаа дека ќе победат на изборите и дека ќе го урнат бипартизмот во државата.