КОЈ ОД КАНДИДАТИТЕ ИМА СОБРАНО НАЈМНОГУ ПОТПИСИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ - СЕУШТЕ НИКОЈ НЕМА СТИГНАТО ДО 10 000 ПОТПИСИ
На шефот на дипломатија, Бујар Османи, кој е претседателски кандидат на ДУИ, му требаат уште 1.500 потписи од потребните 10.000 за да ја заврши процедурата да стане и официјално кандидат за претседател на државата.
Според последните податоци на Државната изборна комисија заклучно со 25 февруари во 20 часот Османи собрал 8.560 потписи. Оваа голема бројка за само три дена треба да ја покаже силата на ДУИ во албанскиот блок во однос на нејзините ривали.
Кандидатот на здружената опозиција, Арбен Таравари, има многу поскромен биланс – 1.645 потписи.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, покажува дека е во силен налет. Досега собрал 5.923 потписи, а професорката Билјана Ванковска, кандидатот на Левица, завидни 4.478.
И градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, има добар биланс – 3.091. Другите се далеку од овие бројки. Најдобра од нив е Мерсиха Смајловиќ со 523 потписи, а докторот Вело Марковски има 433.
Потписите се собираат во подрачните единици на ДИК.