Лазаров бил сведок на страшната сообраќајка во која загинаа две лица: Вакво нешто немам видено до сега
Две лица го загубија животот, а петмина се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево во близина на Плетвар, на патниот правец Прилеп – Росоман, соопшти Основното јавно обвинителство Прилеп.
Според првичните информации, несреќата се случила при претекнување, кога дошло до директен судар меѓу два автомобила кои се движеле во иста насока. Едно од загинатите лица е возачот на едното возило.
На местото на трагедијата увид извршил дежурен јавен обвинител, кој издал наредби за прибирање на сите материјални траги и докази, како и за изработка на сообраќајно и машинско вештачење на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или психоактивни супстанции.
Од обвинителството информираат дека се преземаат сите неопходни дејствија за целосно утврдување на причините за несреќата, во која животот го загубија две лица, а петмина се тешко повредени.
Меѓу првите кои пристигнале на местото на несреќата бил доктор Ненад Лазаров, кој на социјалните мрежи сподели дека бил сведок на настанот и им помагал на повредените.
„Она што го видов беше повеќе од хорор. Во мојата 15-годишна лекарска кариера немам видено нешто толку страшно. Се работи за пет млади лица, најстариот на околу 40 години. Апелирам до сите возачи да бидат внимателни и одговорни на патиштата“, напиша Лазаров.
Тој додаде дека сите повредени биле во тешка состојба и изрази надеж дека ќе се опорават од повредите.
