Таткото на загинатата Надица од „Пулс“ со потресна објава: Тоа беше последното затворање на вратата…
Александар Наунов, таткото на Надица која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, објави видео од нејзиното последно заминување од дома, момент што засекогаш му го променил животот.
Во емотивната објава, Наунов напиша дека тоа затворање на вратата, кое тогаш изгледало обично, за него претставува последен здив на светот што го познавал. „Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка, а јас не знаев дека зад неа ќе остане заробен нејзиниот живот. Наместо да ја чекам со внуци во прегратка, јас ја чекам во соништата, таму каде што не гори. Надица, ти остана вечна во моето срце, во секоја свеќа и секоја солза. Твоето име ми е молитва, твојот лик вечна светлина. Додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша тој.
На објавата се надоврза и нејзиниот вујко, Дарко Златев, кој со трогателни зборови порача: „Мој ангел, моја светлина, моја вечна љубов… засекогаш ќе живееш во мене. Сакам те, вујкино злато мое.“
Објавата и видеото предизвикаа силни реакции на социјалните мрежи, потсетувајќи дека трагедијата во „Пулс“ и понатаму живее низ болката на семејствата што ги изгубија своите најблиски.