Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија упати остра реакција и сериозно предупредување до Македонија, откако потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, со уште двајца пратеници оствариле средба со делегација на „Претставништвото на Тајпеј во Италија“ во парламентот.
Во отвореното писмо, кинеската амбасада го оцени овој потег како „тежок и погрешен чин“ кој директно го нарушува принципот „Една Кина“ – политичка обврска која Македонија ја презела при воспоставување на дипломатски односи со Пекинг. Според нив, ваквото однесување не само што ја разнишува политичката основа на билатералните односи, туку испраќа и „опасен сигнал“ до сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван.
Кинеската амбасада остро потсетува дека Тајван „е и ќе остане дел од Кина“, наведувајќи историски и правни документи од Каирската декларација и Потсдамската прокламација до резолуцијата 2758 на ОН. Со кои според Пекинг, ова прашање е решено „еднаш засекогаш“.
Во писмото се наведува и дека Македонија уште во 1993 и 2001 година формално потврдила дека го признава Пекинг како единствена легитимна кинеска влада и дека нема да гради официјални односи со Тајван.
Кина го обвинува Милошоски дека свесно ги игнорирал овие обврски и предупредува дека таквите чекори можат да предизвикаат сериозна штета врз билатералните односи, економските можности и меѓународниот углед на Македонија.
Во пораката со остар тон, амбасадата бара од Милошоски да се праша дали ваквите постапки навистина ја одразуваат волјата на македонските граѓани и дали Македонија може да си дозволи да ги игнорира „основните интереси и чувствата на повеќе од 1,4 милијарди кинески граѓани“.
На крајот, Пекинг ја подвлекува својата „црвена линија“: прашањето за Тајван, според Кина, е недопирливо и претставува суштинска точка на национален суверенитет. Со порака дека „никој не треба да ја потцени решителноста и силата на кинескиот народ“, амбасадата порача дека Кина нема да толерира чекори кои ги смета за мешање во нејзините внатрешни работи.