Наместо фудбалски празник, натпреварот меѓу Пелистер и Вардар во Битола повторно заврши со скандал, оштетен стадион и нарушен спортски имиџ.
Навивачката група „Комити“, позната по својата страст кон вардарци, овојпат ја премина границата на спортската поддршка и се претвори во синоним за вандализам и непочитување.
Фотографиите што ги објави ФК Пелистер по натпреварот говорат сами за себе: уништени и запалени столчиња, испишани графити и залепени налепници по ново реновираната јужна трибина на стадионот „Петар Милошевски“. Наместо атмосфера на фер-плеј, трибините повторно се претворија во сцена на деструкција и навивачка нетолеранција.
Дополнително, битолчани реагираа и на арогантниот однос на управата на Вардар, која, како што тврдат од клубот, присуствувала со обезбедување, па дури и вооружени лица во ВИП ложата, нешто што нема место на македонските стадиони.
„Ова не е спортски дух, ова е деградација на македонскиот фудбал“, порачуваат од Пелистер, додавајќи дека во иднина нема да дозволат гостински навивачи во Битола додека не се обезбеди фер и достоинствен однос.
Ваквиот инцидент отвора поширока тема за одговорноста на навивачките групи и клубовите кои често се оградуваат од нивните постапки, но во пракса не преземаат конкретни мерки. Македонија одамна има проблем со насилство и вандализам на трибините, а по секој ваков случај повторно следи молк, без санкции и одговорност.
Додека Вардар маршира кон врвот на табелата со 30 бода, ваквите инциденти фрлаат сенка врз нивните спортски успеси. Победите на теренот не можат да ја избришат штетата што ја прават оние кои под изговор на „љубов кон клубот“ го уништуваат она што треба да го чуваат – фудбалот како спорт и култура.


