Тешка несреќа се случила вчера во атарот на селото Рилево, кога мечка нападнала 46-годишен маж од прилепското село Секирци. Повредениот, Ицко Милески, во моментот се наоѓа на лекување на скопските клиники и се бори за живот.
Инцидентот се случил околу 13 часот, додека Милески со пријател бил во шума на берба на печурки. Во еден момент од шумата излегла мечка и го нападнала. Пријателот успеал да го извлече и со возило веднаш го пренел до прилепската болница.
Според д-р Димитар Иваноски, дежурен лекар во болницата, Милески бил примен со тешки повреди на главата, лицето и телото.
„Пациентот имаше делумно откинат скалп, каснатини на лицето и вратот, како и сериозни рани на градниот кош. Дел од носот му беше откинат, а снимките покажаа присуство на воздух во градниот кош, што укажува на сериозна внатрешна повреда“, изјави д-р Иваноски.
По укажаната прва помош, му била дадена соодветна терапија и тетанична профилакса, а поради сериозноста на повредите, Милески бил итно префрлен на Клиниката за торакална хирургија во Скопје.
Лекарите велат дека состојбата му е критична, но стабилна, и дека е вистинско чудо што преживеал по толку тежок напад.