Ахмети: Време е за обнова и за самокритика

 По завршувањето на вториот круг од локалните избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оцени дека неговата партија добила јасна поддршка од народот и општините, со предност од над 23.000 гласови. Според него, оваа победа претставува силен морален и политички мандат за продолжување на заедничката работа со уште поголема дисциплина и посветеност кон граѓаните, јавува „Коха“.

„Резултатот од гласањето е потврда дека довербата на граѓаните во нашата политичка визија не само што не е нарушена, туку е дополнително зајакната. Тоа е мандат кој нè обврзува да продолжиме пообединети, подисциплинирани и посветени на јавниот интерес“, изјави Ахмети во своето обраќање од партиското седиште.

Лидерот на ДУИ нагласи дека партијата ќе направи детална анализа на изборните резултати, особено во општините каде што биле изгубени позиции. Тој најави обновување на редовите, стратегиите и пристапот кон граѓаните со цел подобра организација и посилно локално управување.

„Ќе направиме длабинска анализа, ќе ги обновиме стратегиите и ќе ги исправиме сите недостатоци за да им понудиме повеќе и подобро на граѓаните“, додаде Ахмети, посочувајќи дека фокусот на ДУИ во наредниот период ќе биде на зајакнување на партиските структури и подобрување на услугите за сите заедници во земјата.