ВЛЕН остро ја критикува министерката за образование Весна Јаневска поради, како што велат, нејзиниот несоодветен однос кон албанскиот јазик.
Според соопштението од коалицијата, инцидентот се случил за време на јавен настап во Тетово, кога градоначалникот Билал Касами одговарал на прашања од новинари на албански јазик. Тогаш, министерката наводно во неколку наврати изразила видливо незадоволство од фактот што не го разбира јазикот.
„ВЛЕН изразува жалење за ваквиот пристап на министерката Јаневска кон албанскиот јазик. Таков став е спротивен на принципите на почитување и соживот што треба да ги негува секој државен претставник“, се наведува во реакцијата.
Од коалицијата додаваат дека министерката не требала да се чувствува фрустрирано затоа што не го разбира јазикот, туку доколку не знае да седне и да научи. „Наместо да реагира затоа што не разбира албански, подобро е да покаже волја и интерес да го совлада барем основното познавање на јазикот на своите сограѓани,“ порачуваат од ВЛЕН.
Во изјавата, која јавноста ја оцени како прилично дрска и безобразна, ВЛЕН потенцира дека не е прифатливо министер за образование да не познава ниту еден збор на албански јазик, особено во држава каде што тој е втор службен јазик.
„Да бидеш министер, па уште и за образование, а да реагираш на употребата на јазик на една заедница со која живееш, е спротивно на идејата за коегзистенција и почитување во мултијазично општество,“ стои во соопштението.
Инаку, според партиски извори, Весна Јаневска е меѓу функционерите кои би можеле да бидат дел од најавената реконструкција на владата по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на декември.
