„Свесна сум дека со ова нема да ја вратам меѓу живите, но ветив ќе одам до крај поради тие две мали деца што ми ги остави во аманет...“ – со треперлив глас раскажува Ирена Димовска, свекрвата на 37-годишната Елена Ѓорѓиевска, која починала пред една недела, истиот ден откако била испуштена од Државната клиника за дигестивна хирургија.
Елена, која боледувала од Кронова болест, минала низ две операции во истата установа, но според семејството, токму лекарска грешка и негрижата на медицинскиот персонал ја довеле до трагичен крај.
Блиските тврдат дека уште првата проценка за оперативниот зафат била погрешна, а дополнителен проблем настанал кога хирургот што ја оперирал заминал во Америка, оставајќи ја пациентката на грижа на специјализанти, без надзор од искусен доктор.
„Грешката е очигледна, од почеток до крај. Не е човечки тоа што се случи. Колку пациенти заминаа дома здрави, само нашата Елена не се врати,“ велат нејзините најблиски.
Семејството посочува дека нивната голгота почнала уште на Одделот за гастроентерохепатологија, каде што првично била хоспитализирана. Целата медицинска документација ја предале во Државниот здравствен инспекторат, со надеж дека надлежните ќе ја утврдат вистината.
Од Инспекторатот за Канал 5 потврдија дека пријавата е примена и дека ќе се спроведе вонреден надзор. Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски, изјави дека е запознаен со случајот и дека ќе формира внатрешна комисија за да се испита стручното постапување на медицинскиот тим.