Казна до 1.600 евра доколку газдата го држи кучето врзано на ланец во двор или градина


 Од 11 ноември во Словенија стапува во сила нов закон со кој се воведува целосна забрана за трајно врзување кучиња, без оглед на видот на средството, синџир, јаже или друг механизам што го ограничува нивното движење.

Според новите правила, сопствениците се должни да обезбедат ограден простор каде кучињата ќе можат слободно да се движат, да имаат засолниште од временските услови и да бидат заштитени од можност за бегство. За непочитување на одредбите, предвидени се парични казни до 1.600 евра.

Иако забраната се однесува на трајното држење на кучињата врзани, на јавни места останува обврската за поводник, со цел безбедност на луѓето и животните.

Во образложението на словенечките власти се наведува дека постојаното врзување предизвикува стрес, страдање и нарушувања во однесувањето кај кучињата, што негативно влијае врз нивното физичко и ментално здравје.

Слична законска одредба веќе постои и во Хрватска, каде Законот за заштита на животните забранува држење на кучиња врзани или во премал простор. Таму за прекршување на правилото се изрекуваат значително повисоки казни од 2.600 до 6.600 евра за физички лица, а за правните лица од 2.000 до 4.000 евра.

И покрај тоа, хрватските здруженија за заштита на животните предупредуваат дека законот сè уште не се спроведува доследно, особено во руралните подрачја, каде што и понатаму е вообичаено кучињата да се држат на синџир цел живот.

Експертите апелираат дека постојаното врзување е форма на малтретирање, која може да доведе до сериозни психички и физички последици, и бараат надлежните институции поактивно да ја контролираат примената на законите.