Голем дел од Македонија вечерва е без електрична енергија поради дефект на 110-киловолтен далновод, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Без струја се целиот град Прилеп, поширокиот потег кон Битола, како и делови од Општина Кавадарци.
ЕВН потврди дека нивните екипи веднаш излегле на терен и интензивно работат на лоцирање и отстранување на дефектот. Од ЦУК додаваат дека ситуацијата се следи со зголемено внимание и дека се преземаат сите мерки за што побрзо стабилизирање на системот.
Прекинот во снабдувањето предизвика сериозни потешкотии во секојдневното функционирање на граѓаните, а на социјалните мрежи се шират бројни реакции од засегнатите подрачја.
Надлежните апелираат на смиреност и повикуваат граѓаните да ги следат официјалните информации од ЦУК и ЕВН во врска со текот на интервенцијата и времето кога ќе се воспостави нормално снабдување со електрична енергија.
