Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изрази очекување дека и во текот на следната година ќе продолжи растот на пензиите, имајќи предвид дека просечната плата природно се зголемува.
На денешната прес-конференција во Владата, каде што беше претставен Предлог-буџетот за 2026 година, таа истакна дека според тековните пресметки, во март се предвидува зголемување на пензиите за околу илјада денари. За септемвриското покачување, како што додаде, Владата дополнително ќе одлучува дали ќе биде линеарно.
„Пензионерите сега добија зголемување од илјада денари, исто толку се очекува и во март следната година, а во септември ќе се разгледа можноста за ново усогласување. Со оглед на растот на просечната плата и недостигот на работна сила, логично е да продолжи и растот на пензиите, секако во рамки на законските одредби“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.
