Голем пожар и пукање ја потресоа денес српската престолнина, во центарот на Белград, во паркот „Кирил и Методиј“, познат како „Чациленд“, избувнал пожар проследен со истрели и паника меѓу граѓаните. Густ црн чад се издигаше над центарот на градот, а местото на настанот било блокирано од полиција и противпожарни екипи.
Според првичните информации, огнената стихија зафатила шатор поставен пред зградата на Српското народно собрание. Очевидци велат дека пред избувнувањето на пожарот се слушнале неколку истрели и дека на терен бил забележан ранет маж кој се обидувал да побегне.
Опозициската политичарка Мариника Тепиќ прва реагираше на социјалните мрежи, наведувајќи дека најпрво се слушнало пукање, а потоа избувнал пожар. На видеата од местото на настанот се гледа човек кој куца, како да е повреден, додека полицајци трчаат кон шаторите и извикуваат наредби: „Фрли го оружјето!“ и „Легни!“.
Министерството за внатрешни работи на Србија за порталот Нова.рс потврди дека пожарот бил пријавен во 10:17 часот и дека во меѓувреме е локализиран. Полицијата и пожарникарите сè уште се на терен и работат на целосно расчистување на просторот.
Според неофицијални информации на РТС, пожарот најверојатно бил предизвикан од експлозија на гасна боца.
Белградската полиција привела едно лице, идентификувано како В.А., под сомнение дека пукал и ранил повеќе лица во паркот. Порталот Телеграф.рс јавува дека најмалку две лица се повредени, едното со прострелна рана во ногата, а другото со полесни повреди.
Причините и околностите под кои дошло до инцидентот ќе се утврдат со истрагата што е во тек.
