Еден Македонец и двајца Срби се убиени во Боливија

 Миљан Ѓ., познат под прекарот Хитри од Ниш и сметан за водач на меѓународна криминална мрежа која се занимавала со шверц на големи количини кокаин од Јужна Америка кон западноевропските држави, е убиен пред два дена, најверојатно во Боливија, пренесуваат „Новости“.

Покрај него, во вооружен судир меѓу наркокартели во Јужна Америка загинале уште двајца Нишлии, а еден од убиените е и државјанин на Македонија – Дејанчо Л. Според извор од Ниш за српскиот „Курир“, веста ја потврдил српски граѓанин кој во тој момент се наоѓал со нив во Јужна Америка.

Сите загинати користеле лажни идентитети и имале фалсификувани патни документи. Точните околности на ликвидацијата засега не се познати, но постојат две верзии, дека загинале при експлозија на бомба или дека биле застрелани.

Како што велат познавачи на ситуацијата, убиените биле активни во шверцот на кокаин и соработувале со локални групи во Јужна Америка. Нивната улога наводно била поврзана со логистика, обезбедување, пакување и товарување на дрогата на бродови за испорака кон Европа.

Иако нема официјална потврда за инцидентот, познато е дека таканаречениот „Балкански картел“ со години одржува тесни врски со јужноамериканските криминални организации, преку кои обезбедува кокаин што потоа се транспортира со океански пловни објекти до европските пазари.

Descriptive Alt Text