Тежок инцидент го потресе денеска Штип по завршувањето на натпреварот на младинските екипи (генерација 2009/2010) на Брегалница и Шкупи. Според првичните информации, родители на гостинскиот клуб од Чаир влегле на теренот и физички нападнале играчи на Брегалница.
Очевидци пренесуваат дека нападот бил брутален и крајно недоличен, особено затоа што жртви на насилството биле деца на возраст од само 14-15 години. Во тепачката најтешко поминале две деца, едното со скршена нога, а другото со сериозни повреди на главата.
Наместо да бидат поддршка и пример за спортско навивање, родителите на Шкупи покажале насилничко однесување кое ги надминало сите спортски и човечки норми. Наместо спортски дух, младите играчи добија понижување и физичко насилство пред очите на соиграчите, тренерите и публиката.
Инцидентот предизвикал општа тепачка на теренот, при што морала да интервенира полицијата за да се смири ситуацијата.
Штипската јавност е згрозена од овој срамен чин и бара итна реакција на надлежните институции. Се очекува МВР да излезе со повеќе информации во текот на денот, како и да преземе соодветни мерки против сторителите.
