Како на филм: Љубовницата на инспекторот кој трагично загина, полицијата ја нашла заспана во неговиот автомобил

 Основниот суд во Брчко одреди едномесечен притвор за 45-годишната Т.Т., осомничена за тешка кражба извршена како соизвршител.

Судот ја донел оваа одлука поради постоење на околности кои укажуваат дека, доколку биде на слобода, таа би можела да влијае врз сведоци, соучесници или прикривачи и на тој начин да ја попречува истрагата.

Според соопштението на Окружното обвинителство Брчко, на 21 август 2025 година во раните утрински часови, осомничената по претходен договор му ги предала клучевите од станот на својот поранешен сопруг М.Т. на М.Ж. од Брчко. Намерата била со влез во станот да се дојде до материјална корист преку провала во метален сеф.

Жителите на зградата на улицата „Браќа Рибникар“ слушнале необична бучава и го пријавиле случајот во полицијата. Кога полициските екипи заедно со противпожарната служба пристигнале на местото, М.Ж. се обидел да избега преку олукот од четвртиот кат. При тој обид паднал и починал на самото место. Подоцна било утврдено дека станува збор за 55-годишен полициски службеник од Брчко.

Во моментот на настанот, Т.Т. чекала во возилото на М.Ж., паркирано пред зградата, каде што подоцна и била пронајдена од полицијата.

По спроведена истрага, таа била приведена и изведена пред дежурен обвинител, кој проценил дека има законски основи за барање мерка притвор.

Обвинителството најави дека ќе продолжи со собирање на сите потребни докази и преземање истражни мерки за целосно расветлување на случајот и понатамошно гонење на осомничената.