Трагедија на позната плажа: Шест ученици се удавија откако биле на училишен излет

 Тешка несреќа ја потресе египетската јавност, откако за време на училишен излет на популарната плажа Абу Талат, во близина на Александрија, животот го загубија шест ученици, а уште 24 беа повредени.

Министерството за здравство од Каиро потврди дека несреќата се случила кога група ученици влегле во морето и биле зафатени од силни бранови и струи. И покрај брзата интервенција на спасувачите и 16 испратени амбулантни возила, трагедијата не можела да се избегне, шест деца починале на самото место.

Од повредените, тројца ученици добиле медицинска помош на плажата, додека останатите 21 биле префрлени во болници. Тринаесетмина се хоспитализирани во специјализираната болница во Агами, а осуммина во општата болница во Амрија.

Министерот за здравство и население, Халед Абдел Џафар, изјави дека на семејствата и повредените им е обезбедена целосна медицинска и психолошка поддршка. Тој додаде дека лично ја следи состојбата и работата на итните служби.

Descriptive Alt Text

По несреќата, властите во Александрија наредија затворање на плажата и поставија црвени предупредувачки знамиња долж крајбрежјето за да се спречи нова трагедија. Отворена е истрага за да се утврди дали биле преземени сите потребни безбедносни мерки при организирањето на излетот.

Оваа трагедија доаѓа во период кога Египет веќе се соочува со серија несреќи поврзани со морски активности. Пред неколку месеци, шест руски туристи загинаа во несреќа со туристичка подморница во Хургада, а минатата година животот го загубија 11 лица кога туристички брод потона во Црвеното Море. Дополнително, тројца Британци загинаа во 2023 година при пожар на нуркачки брод кај брегот на Марса Алам.